Одбележувајќи го Меѓународниот ден против хомофобија и трансфобија ИЛГА Европа ја објави новата мапа за напредокот кон еднаквоста за ЛГБТИ луѓето на европскиот континент, каде после долг период се нотира напредок во нашата држава. Многумина ме контактираа затоа што мислат дека нема никаков напредок, зошто ова го нотира ИЛГА Европа? Мојот одговор е дека да, има напредок, почнувајќи од политичката волја кај лидерството на државата, подобрување на правната рамка, пред се со усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, формирана веќе втора ЛГБТИ интерпартиска група во Собранието, но и релаксираната атмосфера каде ЛГБТИ+ луѓето веќе не се злоупотребуваат во секојдневните политички препукувања и манипулации со јавноста. Сепак, мора да забележиме и дека овие промени и политичката волја кај лидерството не гледаме дека се симнуваат надоле низ структурите на институциите и најголемиот дел се сеуште несензибилизирани на оваа тема.
Изминатата година беше тешка за сите нас. Лично тешко ја преживеав и честопати затворен меѓу ѕидовите се наоѓав себеси пред многу прашања и дилеми, дали вреди ова што го правам? Паѓајќи дури до малодушност дека ништо не вреди и дека ништо не се менува. Во тие моменти се подсетив на почетокот на мојот активизам, 2004, 2005та година, кога и граѓански активисти имаа проблем да седнат до мене на различни обуки или конференции. Кога движењето ми беше строго ограничено и контролирано. Кога ЛГБТИ+ луѓето беа среќни да не се зборува за нашите проблеми, затоа што секогаш тоа значеше навредување и омраза.
И еве сега, после толку многу години жесток активизам и работа имаме веќе повеќе организации кои произлегуваат и се борат за ЛГБТИ+ заедницата, имаме Национална мрежа против хомофобија и трансфобија во која членуваат над дваесетина организации, дел сме од други активистички, граѓански мрежи, учествуваме во работни групи при креирање на законски решенија, имаме интерпартиска група во Собранието во која има пратеници и од власта и од опозицијата, имавме фантастично издание на Скопје Прајд, еден од најслободните и најбезбедните во регионот со над две илјади учесници…
Ова ми го подигаше духот изминатава пандемиска година, ова ме одржа и ми дава сила да продолжам, уште повеќе да работам, затоа што работата носи резултати. Не веднаш, не со динамика која би сакал, но промените се случуваат.
Вреди да се бориш за своите права! Среќен Меѓународен ден против хомофобијата и трансфобијата!
Забелешка: Британската амбасада Скопје ја нуди својата блог платформа за гости – блогери. Ставовите искажани во блоговите на гостите – блогери не ги одразуваат ставовите на амбасадата.