Попреченоста започнува тогаш кога лицето со сензорна,физичка или интелектуална попреченост ќе се соочи со предизвиците во социјалната/општествената заедница.
Образованието е првата социјална средина за секое дете вклучително и за децата со попреченост и тие за прв пат излегуваат од својата семејна безбедна и сигурна околина. Пристапот до образование е неопходен за градење на општество на еднакви можности.
Инклузијата за лицата со попреченост во редовниот образовен процес е вистински предизвик. Во 21 век сеуште се соочуваме со физичка непристапност во основните и средните училишта. Физичката пристапност не значи една пристапна рампа на влезовите на училиштата,тоа значи целосна пристапност внатре во објектот и достапност до сите катови во училиштето.
Целосна пристапност во основните и средните училишта не постои. Средното стручно училиште „Михаjло Пупин” е целосно пристапно училиште.
Во периодот додека како претседател раководев со Здружението на студенти и младинци со попреченост се изборивме студентите со сетилна и телесна попреченост на државните универзитети да бидат ослободени од плаќање партиципација. Со ова се зголеми бројот на студенти со попреченост кои се запишуваат и завршуваат високо образование. За да се надминат административно бирократските бариери и навигацијата низ универзитетските лавиринти се отвори канцеларија – информативен сервис за советување за студенти со попреченост на Филолошкиот факултет во Скопје. Канцеларијата работи само од време на време со поддршка од донации и спонзорства.
За жал, вакви канцеларии се уште нема во рамките на ниту еден универзитет или факултет.
Комуникациската бариера останува огромен предизвик кој го ограничува пристапот до образование. На сите нивоа на образование недостасуваат толкувачи на знаковен јазик, како и литература печатена на Браево писмо или алтернативни форми на пристапни информатички технологии за лицата со целосно оштетување на видот.
Еден од најголемите предизвици е можноста за движење. Во непристапна инфраструктура која иако законски треба да биде гарантирана, без пристапен јавен превоз, не може да се оди на факултет, на работа или едноставно слободно да се завршуваат обврските. Затоа голем успех е да се обезбеди специјализирано комбе за транспорт на лица со отежнато движење за средношколци и студенти од нивните домови до средните училишта и факултетите во градот Скопје. Добрата вест е што овој превоз функционира институционално, финансиски го поддржува Градот Скопје преку посебна служба за слободен превоз во рамки на Јавното сообраќајно претпријатие. Овие комбиња служат за граѓаните со попреченост да можат да одат на работа, на лекaр, на прошетки, на настани и слично.
Фокусирајќи се на човековите права сакам од правото на образование да се префрлам на правото на глас.
Сакам да го дадам своето гледиште не само како лице со попреченост туку и лице-набљудувач на изборниот процес по трет пат но и како сертифициран обучувач на Државната изборна комисија за едукација на избирачките одбори и на општинските изборни комисии.
Од референдумот лицата со попреченост се појавија во улога на набљудувачи во изборниот процес. Некои од нив беа дел од Државната изборна комисија, во тимовите за едукација на избирачките одбори и на општинските изборни комисии. Иако правото на глас е гарантирано за сите граѓани, околу 70 % од гласачките места се целосно непристапни за лица со попреченост.
Набљудувањето на изборите од аспект на попреченоста од страна на лица со телесна и сетилна попреченост има огромна важност од аспект на пристап до фундаментални права, но и други перспективи. Прво би посочила дека е учество во изборниот процес од позиција на „мала, но значајна дистрибуција на моќ во изборниот процес” – граѓаните со попреченост се бројна, а маргинализирана заедница. Второ е поттикнување на вистински политички активизам, промена на перцепцијата на општествената заедница кон лицата со попреченост и подигнување на свеста дека тие не се само неми, невидливи или пак недоволно препознаени пасивни гласачи кои чекаат да бидат избрани нивните претставници односно застапници за остварување на нивните права. На овој начин ќе се изврши притисок врз партиите и институциите за грижа за правата на лицата со попреченост. И последно – изборите се можност за директно влијание во создавање услови за остварување на правото на глас рамноправно како и сите останати граѓани.
Затоа е важно набљудувањето на гласањето на лицата со попреченост, затоа што без можност за користење на правото на глас, се одзема можноста за создавање еднакво општество.
Македонското општество покажува висок степен на попреченост поради оптовареност од стереотипи и предрасуди.
Во сите сегменти од општественото живеење државата треба да создаде услови за целосно и рамноправно учество на граѓаните со попреченост.
Но сепак останува обврската на државата во македонското собрание конечно да се најде и лице со попреченост кое ќе ги застапува овие лица во законодавниот дом каде директно и од позиција на моќ ќе учествува во креирање на политиката за овие лица.
Забелешка: Британската амбасада Скопје ја нуди својата блог платформа за гости – блогери. Ставовите искажани во блоговите на гостите – блогери не ги одразуваат ставовите на амбасадата.