7th September 2021
Прославуваме 30 години независност! Пријателство, партнерство и соработка – нашата приказна за Обединетото Кралство и Северна Македонија
Да се работи и да се живее во Северна Македонија е вистинска привилегија. Одново и одново се воодушевувам од топлината на луѓето, вкусот на храната и виното и убавината на пејзажите. Имав чест постојано да запознавам различни луѓе низ целата земја и можност лично да го видам наследството на земјата, од Бигорскиот манастир, преку Шарената џамија до споменикот во Крушево. Да јавам на коњ на прекрасната Бистра, да се искачам на величествениот Љуботен и да пливам во Охридското Езеро.
Езерата и пејзажите не се само дар од природата, тие ја раскажуваат приказната за регионот и односите помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Пред повеќе од 100 години, Обединетото Кралство и светот се бореа и дадоа многу животи за да го зачуваат мирот на Солунскиот фронт, кој се протегаше источно од реката Вардар, преку рововите западно од Дојранското Езеро, па се до Струмичката Котлина на исток. Во текот на овие борби животот го загубија повеќе од 160 000 британски војници. Се сеќаваме на нив секоја година на 11 ноември со комеморација на Британските воени гробишта во Скопје каде што се погребани 124 војници на Комонвелтот.
Нашата желба да ја поддржуваме меѓусебната безбедност и стабилност продолжи и понатаму. За време на Втората светска војна, британските војници се обучуваа со Кумановската партизанска единица, при што селаните од Пелинце ги криеја и ги заштитуваа. Еден од најтрогателните моменти во мојот живот беше кога ја прочитав песната што ја напиша еден од војниците потпомогнати од партизаните – мајорот Вилијам Френк Томсон – на балконот од куќата каде што престојувал. Продолживме да работиме заедно за да ги запаметиме овие приказни и да ги зачуваме овие артефакти за идните генерации, меѓу другото, со студиски посети на бојното поле и соработка со општините за обнова и одржување на спомениците од војната.
Ова е само дел од причината зошто ни беше посебно важно да ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон НАТО. Од потпишувањето на првиот Меморандум за разбирање за соработка во одбраната во 1995 година, Обединетото Кралство ја поддржува Армијата на Република Северна Македонија со обезбедување на обука за подобрување на нејзината интероперативност со НАТО сојузниците. Го поддржавме градењето на интегритет, воените способности и вештините за англиски јазик, конкретно преку Центарот за англиски јазик во касарната Илинден, што го отвори министерот за одбрана на Обединетото Кралство во 2001 година.
Се доделуваат воени стипендии на претставници на Министерството за одбрана и Армијата за посетување на обуки во Обединетото Кралство на некои од најпрестижните образовни институции во светот, вклучувајќи го и Кралскиот колеџ за одбранбени студии, Академијата за одбрана на Обединетото Кралство и Кралската воена академија, Сандхерст. И конечно, во 2019 година на состанокот на лидерите на НАТО во Лондон, го видовме македонското знаме како се вее на Молот во Лондон за прв пат на своето заслужено место со сите други сојузници.
Во 2018 година, Обединетото Кралство беше домаќин на Самитот за Западен Балкан, на кој Северна Македонија и другите земји во регионот преземаа серија амбициозни обврски. Самитот и соработката што следеше означија нова ера во билатералната соработка помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Нашите односи во областа на безбедноста продолжија да се развиваат, и во мај оваа година, Обединетото Кралство и Северна Македонија беа ко-претседавачи со состанокот на Управната група за преземени обврски за безбедност во рамките на Берлинскиот процес.
Но, нашата врска е многу посеопфатна и не се однесува само на безбедноста. Тоа го истакнаа и некои од гостите од Обединетото Кралство што неодамна ги имавме овде. Во 2018 година во посета дојде тогашната премиерка на Обединетото Кралство Тереза Меј. Оттогаш, ние пречекавме двајца министри за Европа, а потоа во 2019 година, јас бев домаќин на Неговото кралско височество, принцот Едвард Ерл од Весекс, кој за време на неговата дводневна посета, беше дел од различни активности. Се сретна со многу луѓе и посети многу места во и околу Скопје, од младинските групи кои работат на прашања врзани со животната средина и дигиталните вештини, преку градинката каде што имаше можност лично да ја види на дело нашата програма за градење на социјални вештини кај најмладите во општеството, па сѐ до средбата со стипендистите од Чивнинг програмата, кои ги поддржавме во желбата и намерата да студираат во Обединетото Кралство и кои се вратија да ги применат своите знаења овде во земјата.
Ние сме економски партнери. Северна Македонија е нашиот најголем трговски партнер во Западен Балкан и потпишувањето на нов Договор за партнерство, трговија и соработка може само да ја зголеми билатералната соработка и економските можности меѓу нашите две земји. Имаме големи британски инвеститори во Северна Македонија, компании како што се Џонсон Мети, Централ Азија Металс – рудникот Саса, Комфи Ангел и Ендава. Денес гледаме дека македонски компании, како што е Алкалоид, отвораат свои подружници во Обединетото Кралство. Гледаме македонски вина што се продаваат во супермаркетите во Обединетото Кралство. Во текот на следните неколку години ќе има нови можности за зелените бизниси да отворат нови работни места и партнерства.
Ние сме партнери на патот на Северна Македонија кон демократија. Ќе продолжиме да го поддржуваме зајакнувањето на човечкиот капитал во земјата и способноста на институциите да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните. Во последните неколку години работиме заедно на реформите во правосудниот сектор, јавната администрација и подобреното владеење на правото, вклучително и управувањето со јавните финансии и реформите на економската политика во стопанството. Работиме заедно на животната средина и со нетрпение го очекуваме спроведувањето на зеленото сценарио на енергетската стратегија што ја поддржавме. Се заложуваме за соработка со институции, граѓански организации и медиуми, со цел да се подобри животот на граѓаните и да ги добијат информациите што им се потребни и промените што ги бараат.
Цврсто се држиме заедно кога светот се менува. 2020 година беше вонредна година која од корен ги промени нашите животи. Но, ја прикажа во преден план и нашата меѓусебна поврзаност. Со цел да овозможиме континуирано образование, соработувавме со УНИЦЕФ за развој на онлајн платформата Едуино кога училиштата се затворија. Работевме со СЗО и Министерството за здравство за да обезбедиме подобар одговор на здравствена заштита преку обука на здравствени работници во третирањето на пациенти со КОВИД, а експерти од универзитетот Ковентри и генерално од Обединетото Кралство изработија физибилити студија за забрзано здобивање со диплома за медицинска сестра. Исто така, ги поддржавме помалите граѓански организации во обезбедување на маски, храна и хигиенски пакети за ранливите групи и ги поддржавме жените во оддалечените региони преку мобилната гинеколошка клиника и ги финансиравме УНФПА (Фонд за население на ОН) и граѓанските организации за поддршка на жртвите на родово и семејно насилство.
Ги споделуваме истите вредности и желбата да правиме добри дела. Реализиравме креативна и амбициозна политика и програми кои поддржуваат одржлив развој, опфаќаат прашања врзани за климатските промени и ги промовираат човековите права и демократијата. Продолжуваме да се залагаме за слободно и отворено општество. Нашиот персонал гордо учествуваше на првата Парада на гордоста во 2019 година и Маршот за правата на жените и родовата еднаквост во 2020 година. Гордо ја поддржавме Парадата на гордоста 2021 во Скопје. Се залагаме да ја подигнеме свеста за влијанието на климатските промени и соработуваме со нашиот Млад амбасадор за климатски промени и граѓанско општество за да промовираме дејствување во областа на климатските промени. Нашиот национален ден оваа година се фокусираше на одржливата мода, што дополнително ја демонстрираше нашата страст и посветеност за решавање на проблемите. Нашата поддршка на Заедничката градина во општина Шуто Оризари треба да биде придобивка за локалната заедница, сега, и во иднина. Преку повеќе проекти на кои работиме со младите луѓе сакаме да им покажеме дека тие се иднината што ѝ е потребна на земјата. Ова се само дел од многубројните разновидни проекти за кои сум горда што Амбасадата ги поддржува.
Ќе бидеме партнери и во соочувањето со следните предизвици. Откако за прв пат ја отворивме нашата Амбасада во Скопје во 1993 година, заедно бевме исправени и пред многу предизвици. Ќе продолжиме да го правиме истото и во иднина и ќе ги продлабочуваме нашите врски. Заедно ќе се залагаме за евроатлантска интеграција. Тоа нè прави сите нас побезбедни и ни носи економски придобивки. Ќе соработуваме во справувањето со климатските промени и во заштитата на нашите најранливи еколошки и животни средини. Ќе соработуваме и во зајакнувањето на демократијата и во градењето на иднината која нашите граѓани сакаат да ја имаат. Ќе застанеме рамо до рамо промовирајќи го мирот и стабилноста во регионот. Горда сум што сето ова го правиме заедно како партнери, сојузници и пријатели.